Војна и солени екрани
ЈАПОНИЈА - Јапонски истражувачи развија компјутеризирани стапчиња за јадење кои го подобруваат солениот вкус, што потенцијално може да им помогне на оние кои треба да го намалат нивото на натриум што го внесуваат преку исхраната. Тие развија и ТВ екран кој може да се лиже и на тој начин да имитира различни вкусови на храна.
МАКЕДОНИЈА - Испорачани се првите количини зејтин од Србија кои утре треба да се најдат во маркетите, изјави денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски.
СРБИЈА / САД - Американските сенатори на Комисијата за надворешни работи Крис Марфи и Џин Шејхин, како и сенаторот Том Тилис на прес-конференција во Белград истакнаа дека Србија мора да ја усогласи својата надворешна политика со Европската унија.
МАКЕДОНИЈА - Советот на СОНК утре ќе одржи седница на која ќе направи детална анализа на ставот на Владата и ќе се произнесе по него, изјави денеска претседателот на СОНК Јаким Неделков по одлуките кои денеска ги донесе Владата во однос на состојбите во основните и средните училишта предизвикани од штрајкот на вработените.
САД - Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) ја намали својата прогноза за светскиот економски раст за оваа година на 3,6 отсто, наведувајќи дека е предизвикано нарушување на глобалната трговија поради руската војна во Украина.
ЦРНА ГОРА - Неколку лица, меѓу кои и членови на царинската и полициската управа, денеска се уапсени во акцијата што започна пред два дена со апсењето на поранешната претседателка на црногорскиот Врховен суд, Весна Меденица.
РУСИЈА - Русија соопшти дека протерува 36 дипломати од две земји-членки на Европската унија како одмазда за сличните чекори преземени против странските претставници на Москва поради неиспровоцираната инвазија на Кремљ врз Украина.
МАКЕДОНИЈА - Владата поддржува отворање на клубови на сите етнички заедница во Македонија, рече денеска министерот за надворешни работи, Бујар Османи на редовниот неделен брифинг, зборувајќи за отворањето на бугарскиот културен дом Иван (Ванчо) Михајлов во Битола. Министерот вели дека Владата немала ништо против отворањето на клубот, спорно било само името, кое, како што вели, од македонските граѓани се сфаќало како провокација.