Испорачани се првите количини зејтин од Србија кои утре треба да се најдат во маркетите, изјави денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски.
Тој рече дека освен од Србија, земјава увезува и од Русија, Украина и Бугарија и дека „гарантираат дека ќе има доволно количини“, а апелираше граѓаните да не се грижат.
„Имаме зголемено домашно производство и денеска имаме увоз и од Русија, Украина и Бугарија, и на масло за јадење и на нерафинирано масло така што воопшто нема потреба од никаква паника и од зголемување на домашните залихи. Ја сфаќаме загриженоста, но максимално се работи на обезбедување доволно количини“, рече Николовски.
Во изминатиов период во маркетите ширум земјава честа беше сликата на полупразни рафтови на кои стојат брашното, шеќерот, зејтинот, лебот... Во продавниците има купувачи кои земаат поголеми количества од основните производи за исхрана за да направат резерви на храна.
Николовски денеска рече дека доколку има потреба, покрај предвидените два милиона литри, ќе се бара увоз на дополнителни количини масло за јадење од Србија.
„Постојано сме во контакт со српските власти. Ако бидат потребни дополнителни количини, очекуваме српската Влада тоа да го одобри. Очекуваме и тргање на забраната за нерафинирано масло“, рече Николовски.