Портпаролот на Европската унија Петер Стано потврди дека работната група меѓу Косово и Србија ќе се состане во среда и четврток на 20 и 21 април за да се обиде да најде решение за проблемот со регистарските таблички.
„ЕУ сака уште еднаш да ги потсети двете страни дека сега е итно да се најде заеднички јазик. Секој договор за регистарските таблички ќе бара политичка флексибилност и компромис“, рече Петер Стано во писмената реакција до медиумите.
Во септември 2021 година, косовската влада воведе реципроцитетни мерки за возилата од Србија кои влегуваат во Косово.
Според овие мерки, секој што вози автомобил со регистерски таблички на градови од Србија мора да ги замени тие регистарски таблички со пробна табличка која е со важност од 60 дена и чини пет евра.
Дотогаш, граѓаните на Косово, кои имаа таблички РКС (Република Косово), и една деценија наназад плаќаа околу пет евра за пробни таблички при влез на територијата на Србија, кои важеа 60 дена.
Одлуката предизвика влошување на безбедносната ситуација на северот на Косово, по што во септември минатата година беше договорено да се воведе „режим на налепници“ како привремена мерка до изнаоѓање трајно решение.
Потоа беше договорено да се формира работна група со претставници на Србија, Косово и ЕУ, која треба да најде трајно решение за регистарските таблички, „засновано на стандардите и практиките на ЕУ“.