Неколку лица, меѓу кои и членови на царинската и полициската управа, денеска се уапсени во акцијата што започна пред два дена со апсењето на поранешната претседателка на црногорскиот Врховен суд, Весна Меденица.
Меѓу уапсените, кои беа спроведени во зградата на Специјалното обвинителство, се и членот на нејзиното поранешно обезбедување и полицаец Милорад Меденица.
Исто така меѓу уапсените се и шпедитерката Ивана Ковачевиќ и Василије Петровиќ - син на сопственикот на „Цијевна комерц“ Данило Петровиќ.
Уапсените се поврзани со претходно уапсениот полицаец Дарко Лаловиќ, членот на обезбедувањето на Меденица, и со Милош Меденица - синот на уапсената претседателка на Врховниот суд.
На почетокот на април порталот „Либертас-прес“ објави транскрипти од Европол доставени до црногорската полиција, во кои се наведени прислушувани телефонски разговори на Милош Меденица кои го поврзуваат со шверц на цигари и трговија со дрога. Во нив тој наведува дека неговата мајка е запознаена со неговите работи и дека ако треба ќе ги заштити.
Весна Меденица претходните 17 години беше на водечки судски позиции во Црна Гора, а по вчерашното сослушување во Специјалното државно обвинителство и беше одреден притвор до 72 часа.
Таа е приведена поради постоење на основано сомнение дека извршила две кривични дела: создавање на криминална организација и противзаконско влијание, пишуваат црногорските медиуми повикувајќи се на информации од полицијата.
Полициската управа и Специјалното државно обвинителство засега не се огласија за овој случај.
Меденица беше уапсена доцна вечерта на 17 април на аеродромот во Подгорица и беше приведена во полиција. Откако и се слошило утрото, таа била примена во Клиничкиот болнички центар на Црна Гора (КБЦЦГ), каде била хоспитализирана, како што беше потврдено за Радио Слободна Европа.
Таа од КБЦЦГ во придружба на полиција беше донесена во Специјалното обвинителство, каде по распитот беше одведена.
Од 2003 година, Весна Меденица извршуваше две од најважните функции во судството.
Четири години беше Врховен државен обвинител на Црна Гора, а потоа три мандати беше на чело на Врховниот суд од 2007 до декември 2020 година кога поднесе оставка.
Нејзиниот повеќекратен мандат на чело на Врховниот суд наиде на критики од дел од меѓународната и домашната јавност затоа што постои уставна одредба дека исто лице може да биде избрано на таа функција не повеќе од два пати.