Владата на денешна седница ја усвои препораката на Комисијата за заразни болести да биде укината обврската за поседување сертификат за вакцинација или за прележан Ковид-19 за сите домашни и странски државјани при влез во нашата држава. Исто така се укинува и обврската за поседување на негативни ПЦР и антиген тестови при влез во Северна Македонија.
Одлуката ја потврдија Владини претставници. Првиот вицепремиер на Владата Артан Груби на социјалните мрежи соопшти дека денеска е укината и мерката за домашна изолација на сопствен трошок во период од 7 дена при влез во државата без наведените документи.
Ове е уште едно олабавување на ковид мерките од крајот на март кога Владата одлучи учениците од прво до деветто одделение на училиште да присуствуваат без маски.
Ваквите одлуки беа донесени о предлог на Комисијата на спречување заразни болести.
Сепак обврската за носењето маски останува за наставниците и другите вработени, а децата по свој избор и понатаму ќе може да продолжат да носат маска.
Од Комисијата за заразни болести неколку пати посочија дека во моментов бројот на инфекции е намален, како и бројот на хоспитализирани од Ковид-19, и дека земјава се наоѓа во зелена зона, но доколку дојде до повторно влошување на епидемиолошката состојба, може да се вратат на сила старите мерки и препораки.
Владата претходно донесе и одлука да се започне настава со физичко присуство на факултетите.
Беше укинат и задолжителниот сертификат за вакцинираност за влез на терасите на угостителските објекти, додека за затворените делови останува обврската за задолжително поседување сертификат за вакцинација или за прележаност од ковид-19.