КСС најавува секојдневни протести

Претседателот на КСС Благоја Ралповски

Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС) бара од Владата да со зголеми бодот за платите на администрација, а во спротивно најавуваат дека од 26 април секојдневно ќе излегува на протести. Од КСС бараат бодот да се зголеми на 103 денари во бруто износ со што најниската плата во јавниот сектор би била околу 18.200 денари и би се задржал распонот меѓу останатите плати.

Најавите од синдикатот се дека ќе се протестира секој ден од 16 до 17 часот пред Собранието и пред Владата.

„Членството е крајно разочарано и се чувствуваат изманипулирани. Решението е многу едноставно, а тоа е членот 88 од Законот за административни службеници кој вели дека Владата го покачува бодот“, рече претседателот на КСС Благоја Ралповски на денешната прес-конференција.

Според КСС, со овој проблем се засегнати околу 100 илјади работници во државата.

Ги повикаа пратениците да не го гласаат Законот за административни службеници, кој денеска е на дневен ред на 68. пленарна седница, затоа што сметаат дека се работи за манипулативен закон со кој ќе се зголемат платите во јавниот сектор за околу 100 до 200 денари. Секој пратеник што ќе го гласа законот, како што рекоа, ќе сметаат дека е против работниците.

За КСС, е неприфатлив предлогот на Сојузот на синдикати на Македонија за линеарно зголемување на сите плати за 2.806 денари во нето износ.
Од КСС велат дека тие за разлика од наставниците нема да штрајкуваат, туку ќе протестираат, бидејќи согласно Законот за државна управа и Колективниот договор не може да се прават протести во работно време.

Владата предлага измени на Законот за административни службеници според кој скалесто ќе се усогласуваат платите на административните службеници на сите нивоа, а на долг рок ќе има промени на платите во администрацијата во однос на минималната плата, која од мартовска плата изнесува 18 илјади денари.