Владата била запознаена со сите детали околу скандалозната промоција на фашизам од Бугарија, реагираат денеска од најголемата опозициска партија во земјава, ВМРО-ДПМНЕ. Партијата реагира на изјавата на министерот за надворешни работи Бујар Османи кој рече „да не се викаше бугарскиот клуб „Ванчо Михајлов“, ќе дојдеше државниот врв и заедно ќе го отворевме”.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека со оваа изјава Османи всушност признава дека македонската Владата била запознаена со промоција на фашизам од Бугарија.
Од опозициската партија прашуваат - Зошто владата молчеше за промоцијата на фашизам на Бугарија среде Битола и зошто не побара забрана за делување на здружението кое величи човек со контроверзно минато?
„Вистинското прашање како институциите дозволиле формирање на здружение кое го велича ликот на Ванчо Михајлов, надвор од историскиот контекст на неговата улога, погрешно интерпретирајќи ги и глорифицирајќи ги неговите заложби за негирање на македонскиот народ? Зошто досега Ковачевски не се огради и не ја осуди промоцијата на фашизмот од страна на бугарскиот премиер?“, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Претходно министерот Османи на редовниот неделен брифинг рече дека Владата немала ништо против отворањето на клубот, спорно било само името, кое, како што вели, од македонските граѓани се сфаќало како провокација. Османи вели дека ако клубот не се викал како што се вика, и тие би биле дел од настанот.
Поранешната министерка за правда Рената Дескоска вчера на Фејсбук напиша дека јавноста со право реагира околу името на културниот центар „Иван Михајлов“ во Битола. Таа посочува дека кога била министерка, во 2019 година, Министерството не дало одобрение за употреба на името Иван Михајлов.
„Надлежен за регистрирање на здруженијата е Централен регистар. Доколку во името на здружението е внесено име и презиме на историска и друга позната личност, се бара нејзина согласност, ако е почината – согласност од нејзини сродници до трет степен во права линија, а доколку такви не постојат, согласност дава Министерството за правда“, пишува Дескоска.
Во 2019 година кога е регистрирано ова здружение, појаснува таа, побарано е одобрение од Министерството за правда. Министерството тогаш, посочува, не дало одобрение за употреба на името Иван Михајлов.
Критиките од македонската јавност во најголем дел се затоа што Михајлов е познат соработник на нацистите.