Владата поддржува отворање на клубови на сите етнички заедница во Македонија, рече денеска министерот за надворешни работи, Бујар Османи на редовниот неделен брифинг, зборувајќи за отворањето на бугарскиот културен дом „Иван (Ванчо0 Михајлов“ во Битола. Министерот вели дека Владата немала ништо против отворањето на клубот, спорно било само името, кое, како што вели, од македонските граѓани се сфаќало како провокација.
Османи вели дека ако клубот не се викал како што се вика, и тие би биле дел од настанот.
„Ние го направивме тоа што требаше да се направи. Не дозволивме Северна Македонија да биде прикажана во светот како земја што ограничува права на било која етничка заедница. Не е моја должност да се грижам за имиџот на Бугарија кои личности ги чествуваат, имаат тие МНР кое треба пред еврејската и светска заедница да објаснат зошто им се важни некои личности“, изјави Османи.
Барањето за посета на бугарската делегација на отворањето на културниот дом во Битола, Османи рече дека пристигнало од потпретседателката на Бугарија Илијана Јотова, а потоа се приклучил и бугарскиот премиер Кирил Петков.
Сметам, посочи Османи, дека тоа беше несреќен избор на име на клуб и дека не може да каже кои се намерите позади тоа.
Отворањето на културниот центар „Ванчо Михајлов“ во Битола предизвика бурни реакции од македонската јавност. На отворањето присуствуваа бугарскиот премиер Кирил Петков, шефицата на дипломатијата Теодора Генчовска и потпретседателката на Бугарија Илијана Јотова.
Критиките од македонската јавност во најголем дел се затоа што Михајлов е познат соработник на нацистите.