Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска изјави дека е очигледно оти на СОНК само парите им се важни. Таа вели дека од Синдикатот на образованието, науката и културата не зборуваат за унапредување на правата на вработените, за условите за работа, кариерен развој и т.н, туку единствено зборуваат за усогласувањето на платите со минималната плата.
„Правото за штрајк е регулирано со Закон за работни односи и колективните договори за детска заштита и образование. Тие се децидни дека работодавачот ги исплаќа придонесите, но нето платата на секој вработен треба да ја исплати СОНК. Не дека не сака, државата нема основ како да ја исплати платата“, рече Тренчевска.
Таа додава дека од вработените во градинките се барало да се води евиденција кој штрајкува за работодавачот, т.е. државата, да може да им исплати плата на оние кои редовно оделе на работа, а другите треба да ја побараат платата од СОНК.
Министерката вели дека со одлуката за штрајк СОНК се повикува на усогласувањето со минималната плата, а законот за минимална плата има рок од шест месеци за усогласување.
СОНК започна со штрајк во училиштата и во градинките на 11 април. Тие бараат зголемување на платите и усогласување со минималната, која од мартовската плата изнесува 18 илјади денари. СОНК не ја прифати понудата на Владата за покачување на платите од 10 проценти.