Трет ден по ред нема хуманитарни коридори во Украина

Украинската вицепремиерка Ирина Верешчук.

Трет ден по ред нема договор со Русија за хуманитарни коридори од делови од Украина, изјави украинската вицепремиерка Ирина Верешчук. Таа вели дека тоа што нема коридори за цивили остава илјадници луѓе заробени во неколку градови во Украина, вклучително и во опколениот пристаништен град Мариупол. Во меѓувреме Русија започнува обновена офанзива во источна Украина

„За жал, нема хуманитарни коридори. Интензивното гранатирање продолжува во Донбас“, рече Верешчук во изјавата објавена на 19 април на нејзиниот канал на Телеграм.

Таа вели дека продолжуваат со тешките преговори за отворање на хуманитарни коридори во регионите Херсон и Харкив.

Според украинските власти десетици илјади луѓе се убиени во Мариупол. Тие ја обвинуваат Русија за блокирање на хуманитарните конвои кои се обидуваат да им донесат помош на цивилите кои се заробени во градот со недели.

Украинските власти ги повикаа цивилите во источниот дел на земјата да си заминат додека руските сили ја засилуваат офанзивата во регионот.

Русија започна напад на Украина на 24 февруари. Во земјата во која до пред војната живееја околу 44 милиони жители, околу една четвртина од луѓето ги напуштиле своите домови, многу градови се претворени во урнатини, а илјадници луѓе загинаа или се повредени.