Бајден не планира да го посети Киев, соопшти Белата куќа

портпаролката на Белата куќа Џен Псаки

Нема планови американскиот претседател Џо Бајден да го посети Киев, изјави портпаролката на Белата куќа Џен Псаки, и покрај притисокот од Украина да го направи тоа. Украинскиот претседател Володимир Зеленски го повика Бајден да ја покаже поддршката на САД за борбата против Русија со посета на Киев. Зеленски на 17 април рече дека мисли дека Бајден ќе го посети украинскиот главен град, но рече дека одлуката е на американскиот претседател и ќе зависи од безбедносната ситуација. Неколку европски лидери отпатуваа за Киев и се сретнаа со Зеленски, а украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба во интервју емитувано на 17 април на американската телевизија CBS рече дека посетата на американскиот лидер „ќе биде важна порака за поддршка“.

Бајден размислува за испраќање високи функционери во Украина

Лична средба меѓу двајца претседатели, исто така, може да го отвори патот за нови залихи и американско оружје „а исто така и за дискусии за можно политичко решавање на овој конфликт“, додаде Кулеба. Белата куќа соопшти дека наместо Бајден, поверојатно е да испрати висок функционер како државниот секретар Ентони Блинкен или министерот за одбрана Лојд Остин. Псаки, исто така, потврди дека има надежи за повторно отворање на Амбасадата на САД во Киев. „Тоа секако е нашата цел. Очигледно е важно да имаме дипломатско присуство на теренот“, рече таа.