Русија протерува непознат број бугарски дипломати

Амбасадата на Бугарија во Москва

Русија прогласи службеници во Амбасадата на Бугарија во Москва за персона нон-грата, соопшти руското Министерство за надворешни работи.

Протерувањето е одговор на протерувањето на 10 руски дипломати од Бугарија на 10 март.

Од соопштението на руското МНР не е јасно колкумина бугарски дипломати се протеруваат.

Во такви ситуации, дејствијата обично се „огледални“, односно се очекува Москва да протера 10 бугарски дипломати.

Бугарија на 10 март протера 10 руски дипломати, со образложение дека извршуваат активности кои се сметаат некомпактибилни со нивниот дипломатски статус. Претходно, и на 2 март Софија протера двајца руски дипломати.

По почетокот на руската инвазија врз Украина на 24 февруари, западните земји протераат стотици руски дипломати. Москва обично одговара со протерување западни дипломати.