Терористичката организација Исламска држава (ИД) ги повика своите поддржувачи да ја искористат војната во Украина и да организираат напади во Европа за да се одмаздат за убиството на поранешниот лидер на организацијата.
Во аудиопорака, чија автентичност не може да се потврди, новиот портпарол на ИД Абу-Омар ал-Мухаџир повика на нова „глобална офанзива“ како одмазда за смртта на Абу Ибрахим ал-Курајши.
Портпаролот исто така ги повика поддржувачите да продолжат со нападите во Европа, искористувајќи ја „достапната можност“ кога „крстоносците се борат меѓу себе“, алудирајќи на руската инвазија врз Украина.
Ал-Курајши беше убиен во американска воена операција во северозападна Сирија на почетокот на февруари. Белата куќа тогаш соопшти дека тој се разнел за да избегне апсење и да одговара за своите дела.
Ал-Курајши беше назначен за лидер на ИД по смртта на Аби Бакр ал-Багдади во октомври 2019 година.
На 10 март, ИД ја потврди смртта на Ал-Курајши, како и на поранешниот портпарол, и соопшти дека нов лидер е Абу Хасан ал-Хашеми ал-Курајши.
Откако ги изгуби своите последни територии во Сирија и во Ирак во март 2019 година, остатоци од ИД во Сирија главно отидоа во пустинските скривалишта.
Тие користат такви засолништа за да ги напаѓаат силите предводени од Курдите и сириските владини сили. Џихадистите исто така продолжуваат да организираат напади во Ирак, а огранок на ИД е активен и во Авганистан.