Парламентарната група на Алијансата за Албанците до Собранието ќе предложи Предлог закон со кој игрите на среќа ќе бидат преместени исклучиво само во хотели со пет ѕвезди.
„Игрите на среќа, казината, спортските обложувалници и сите други игри на среќа да се преместат исклучиво само во хотели со пет ѕвезди. Со законот предвидуваме овие измени да стапат во сила после една година за да им се даде време и на вработените и за да ги преместат овие казина и други игри на среќа во хотели со пет ѕвезди“, рече денеска на прес-конференција претседателот на партијата Зијадин Села.
Тој ги повика пратениците од сите парламентарни групи да ги разгледаат измените и да ги поддржуваат.
Другиот предлог во измените на законот, рече Села, е ограничување на рекламирање на игри на среќа, со што, како што посочи, и се дава надлежност на локалната власт за регулирање на оваа проблематика.
Села смета дека не е решение ако објектите за игри на среќа се оддалечат 500 метри од образовните и верските институции. Со тоа тие ќе се донесат поблиски до населбите и пред домовите на луѓето, а со тоа проблемот не се решава, туку повеќе се комплицира, вели Села.
Посочи дека Алијансата за Албанците е за целосна забрана на сите игри на среќа, но, како што рече, нема расположение за тоа од сите политички актери.