Околу 200 илјади луѓе во Москва ризикуваат да останат без работа

Градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин.

Околу 200 илјади луѓе во Москва, вработени во странски компании, ризикуваат да ги загубат своите работни места, откако западните компании ја прекинаа работата во Русија, поради санкциите поради инвазијата на Украина, изјави на 18 април градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин.

„Според нашите проценки, околу 200 илјади луѓе се во опасност од губење на работата“, наведува градоначалникот на Москва во блог.

Тој рече дека властите минатата недела одобрија програма од 41 милиони долари за поддршка при вработување на граѓаните во Москва преку обезбедување обука и привремена и општествено важна работа.

Програмата, вели градоначалникот, е наменета за вработување на вработени во странски компании кои привремено запреа со работа или пак одлучија да ја напуштат Русија, рече Собјанин.

Стотици, главно западни компании, најавија дека ги прекинуваат своите активности или заминуваат од Русија, откако Западот објави серија санкции кон Москва, поради нејзината инвазија на Украина. Русија започна инвазија на Украина на 24 февруари.

Собјанин рече дека очекува со новоодобрената програма да се поддржат повеќе од 58 илјади луѓе кои ги загубија своите работни места во странски фирми. Од нив околу 12.500 ќе бидат на преквалификација, додаде градоначалникот.

Тој рече дека на луѓето ќе им биде понудено, покрај другото, да се вклучат во јавни работи во голем број градски организации, паркови и на други места.

Експертите предвидуваат дека најлошото економско влијание на западните санкции допрва доаѓа и очекуваат Русија да западне во длабока рецесија.