Еврејската заедница навредена од отворањето на бугарскиот културен центар „Ванчо Михајлов“ во Битола

Бугарскиот државен врв во Битола

Еврејската зедница и Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија реагираат на отворањето на бугарскиот културен центар „Иван (Ванчо) Михајлов“ во Битола, од страна на бугарскиот државен врв.

За нив овој чин претставува навреда за Евреите и е закана за човековите слободи и права, кршење на демократскиот карактер и вредностите на модерна Европа, чин со кој се загрозува мултикултурализмот и класичен пример за непочитување и искривување на историјата, се оценува во реакцијата. Еврејската зедница и Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија истакнаа дека се „згрозени и навредени од името на новиот културен дом во Битола, кој носи име на потврден фашист и близок соработник со нацистите“.


„Во саботата – Шабат и прв ден Песах, кога Евреите од целиот свет го слават празникот за ослободување од египетско ропство, највисоките бугарски претставници на власта предводени од премиерот Кирил Петков, официјално по името на докажан фашист, соработник на Павелиќ, Мусолини и Хитлер“, соопштија од Еврејската заедница и Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија.

Во реакцијата се додава дека ова е „еклатантен обид во таканаречената „заедничка историја“ на која инсистира Бугарија, таа да се претстави како ослободител, а не како фашистички окупатор кој во центарот за убивање Треблинка депортира 7144 македонски Евреи или 98 проценти од еврејската популација во тоа време“.

Тие бараат да се донесат измените на Кривичниот закон, иницирани од Еврејската заедница во 2017 година, со кои ширењето на антисемитизмот, негирањето и искривувањето на холокаустот, глорификација на фашизмот и нацизмот, како и употреба на нивните симболи и поздрави да бидат казниви со закон.

Еврејската заедница бара и да се поведе постапка околу правната издржаност културни и други центри, граѓански здруженија итн. да носат имиња по потврдени фашисти и докажани соработници на нацистите. Бараат владата на Бугарија да се извини за злосторствата и холокаустот направени од нивните претходници за време на Втората светска војна и Европската унија и Европскиот парламент да го осудат ваквото поведение на Република Бугарија.


На отворањето на центарот во саботата присуствуваа бугарскиот премиер Кирил Петков, шефицата на дипломатијата Теодора Генчовска и потпретседателката на Бугарија Илијана Јотова.

Отворањето на културниот центар „Ванчо Михајлов“ предизвика реакции од државниот врв. За претседателот Стево Пендаровски именувањето на установи од областа на културата според докажан соработник на фашистичкиот режим од Втората светска војна не придонесува за зближување на народите и нивните култури.

Премиерот Димитар Ковачевски рече дека се работи за граѓанска иницијатива, согласно Европската конвенција за човекови права и државата нема надзор над овие проекти. Тој вели дека во земјата сите граѓани слободно да ги практикуваат своите етнички, религиски и идеолошки убедувања, а со нетрпение го чека денот кога и Македонците во Бугарија ќе можат на ист начин да ги практикуваат своите уверувања.