„Со одбивањето на понудата за покачување на платите од 10 проценти, СОНК реши да продолжи со уцени кои се единствено на штета на образованието на учениците и им го отежнува секојдневието на родителите“, напиша премиерот Димитар Ковачевски на неговиот Фејсбук профил.
Денеска започнува втората недела од штрајкот на Синдикатот на вработените во образованието, науката и културата (СОНК). Тие бараат зголемување на платите и усогласување со минималната, која од мартовската плата изнесува 18 илјади денари.
„Владата прави сериозни напори за да се избори со кризата, да ги амортизира поскапувањата и да обезбеди достоинствен живот за нашите граѓани, пред сѐ за најранливите. И во вакви тешки услови на светска криза, ние сме веројатно единствената Влада која овозможи историско зголемување на платите и пензиите и силно финансиски ги поддржа граѓаните. И покрај сѐ, СОНК смета дека покачувањето на платите од 2.500 денари е малку. Во услови кога со антикризните мерки кои ги донесе владата сметките на граѓаните се помали за 4.000 денари месечно. Ова едноставно не може да се смета за разумен став туку за очигледен притисок со што е евидентно дека СОНК личните интереси го става пред оние на децата“, објави Ковачевски.
Од 2017 година до денес, пишува премиерот, платите во образованието се покачени за 21 процент.
Премиерот пишува дека Владата прави сѐ што треба за да го одржи дијалогот и да најде заеднички јазик, но барањата и односот на СОНК се целосно неприфатливи.
И од Демократската Унија за Интеграција (ДУИ), кои се коалиционен партнер во Владата оценуваат дека одбивањето на СОНК за зголемување на платата за 2.500 денари е политичка агенда против учениците и родителите.
„Со одбивањето на понудата дадена од страна на Владата, СОНК ги става личните интереси над интересите на учениците, додека штетата оди на сметка на наставниците и учениците токму во пресрет на завршувањето на наставниот процес, бидејќи правото на образование на секое дете е загарантирано и со Уставот“, наведуваат од ДУИ.
ДУИ ги повикува сите наставници и ученици да се вратат во училишните клупи, а СОНК да продолжи со дијалогот со владата за да се најде решение.
СОНК започна со штрајк во училиштата и во градинките на 11 април.