Британија: Отпорот на Мариупол го попречува рускиот напредок во Украина

Мариупол.

Континуираната опсада на пристанишниот град Мариупол во југоисточниот дел на Украина ги „врзува“ руските сили и го забавува нивното напредување пред планираната голема офанзива во источна Украина, соопшти британското Министерство за одбрана.

„Здружениот украински отпор сериозно ги тестираше руските сили и ги пренасочи луѓето и материјалот, забавувајќи го напредокот на Русија на друго место“, соопшти на 18 април Министерството за одбрана на својот редовен неделен брифинг.

Британското министерство соопшти дека руските команданти ќе бидат загрижени за времето што е потребно за да се покори градот каде што сè уште има последни „џебови“ на отпор и покрај интензивните руски напади.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Мариупол: Како просперитетен украински град е претворен во гробишта

Градот е уништен од неколкунеделната руска опсада, која предизвика значителни цивилни жртви и го претвори градот во урнатини.

Министерството ја обвини Русија дека во Мариупол користи слични тактики како што користеше во Чеченија и Сирија, односно дека користи тактики на сеопфатна војна во цивилните области. Москва на почетокот на нејзината неиспровоцирана инвазија на Украина која започна на 24 февруари рече дека нема да напаѓа градови, ниту да му се заканува на украинското население.