Пет загинати, десетици повредени во напад во Харкив

КОНФЛИКТ УКРАИНА-РУСИЈА - Уништена станбена зграда во украинскиот град Харков, на 10 април 2022 година.

Најмалку пет лица загинаа во серија руски артилериски напади врз Харкив, вториот по големина град во Украина, откако Москва ги интензивираше нападите во источна и јужна Украина, соопштија локалните власти на 17 април .

Началникот на Одделот за здравство во регионот Харкив, Максим Хаустов во изјава за новинските агенции вели дека нападите предизвикале пожари, а дел од покривите на зградите се срушиле.

Олех Синехубов, гувернерот на регионот, на својот канал на Телеграм изјави дека во нападите биле повредени 31 лице.

Новинарите на АФП објавија дека слушнале две експлозии и биле сведоци на пет пожари во станбени области во центарот на Харкив.

Украина ја обвинува Русија дека цели на цивилни области уште од почетокот на руската инвазија, но Москва негира и покрај доказите за такви напади.

Руските трупи наидоа на посилен отпор од очекуваниот од страна на украинските војници и цивили, по што се повлекоа од областите околу главниот град Киев, но ги засилуваат нападите во јужна и источна Украина, вклучително и врз Харкив, кој се наоѓа на околу 20 километри од руската граница.