Кандидатката за претседател и лидер на екстремната десница во Франција, Марин Ле Пен е осомничена за проневера на пари од европски фондови.
Јавното обвинителство на Париз на 11 март го примил извештајот од Канцеларијата за борба против измами на Европската унија (ОЛАФ), во кој се опфатени обвиненијата против Ле Пен и кои во моментов се истражуваат. Ова за новинаската агенција го потврдило француското обвинителство.
Делови од извештајот во кој Ле Пен е осомничена за проневера, првпат беа објавени во саботата, на 16 април, од страна на истражувачкиот сајт Медиапарт, според кој, таа е осомничена дека како пратеник во Европскиот парламент од 2004 до 2017 година проневерила околу 137 илјади евра.
Адвокатот на Марин Ле Пен, Родолф Боселут, ги отфрли обвинувањата и го критикуваше тајмингот на објавувањето, кој е во пресрет на вториот круг од гласањето на претседателските избори во Франција, каде Ле Пен ќе се соочи со актуелниот претседател Емануел Макрон.
Според ДПА, неколку членови на партијата Марин Ле Пен се осомничени за проневера на речиси половина милион евра - меѓу осомничените се таткото на Ле Пен, нејзиниот поранешен партнер и поранешниот потпретседател на партијата Бруно Голниш.
Вториот круг од претседателските избори во Франција се одржува во недела на 24 април.