Министрите преку Фејсбук ги повикуваат наставниците и воспитувачите од утре да почнат со настава

Штрајк на СОНК, училишта

Министерот за образование и наука Јетон Шаќири и Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска преку Фејсбук ги повикаа наставниците и воспитувачите од утре да продолжат со наставно образовниот процес во училиштата и градинките, по минатонеделниот штрајк.

Министерот за образование нагласува дека Владата и претставниците на СОНК се договориле викендот да се утврди процентот за зголемување на платата кое ќе се испланира и потенцијално реализира со ребалансот на Буџетот, по што учениците од основното и средното образование од понеделник би се вратиле во училишните клупи.

„Синдикатот треба да има верба во институциите, бидејќи и претходно низ партнерски дијалог беше постигнато зголемување на платите на наставниците од 21 отсто. Владата сака да излезе во пресрет на барањата на наставниот кадар. Сакаме да најдеме заедничко долгорочно решение со кое ќе обезбедиме континуиран раст на платите во образованието, но и ќе го гарантираме економско-социјалниот статус на кадарот. Сега најважно за децата е да се вратат во училиште, а дијалогот да продолжи“, напиша Шаќири на својот Фејсбук профил.

Министерката за труд и социјална политика Тренчевска пак порача воспитувачите и негувателите интересот на децата да го стават на прво место, а решението вели треба да се најде преку социјален дијалог.

„Така постигнавме договор за минималната плата и за пензиите, тој е начинот на кој треба да се реши и овој предизвик. Верувам дека интересот на децата ќе биде ставен на прво место. Градинките ќе ги отворат вратите, а преку силен постојан партнерски дијалог кој го продолжуваме со Синдикатот ќе изнајдеме модел со кој се обезбедува и гарантира постојан раст на платите за вработените во градинките“, напиша министерката Тренчевска.

СОНК од минатиот понеделник почна со штрајк во училиштата и градинките со барање за зголемување на платите и нивно усогласување со минималната плата, која од мартовската плата, изнесува 18 илјади денари.