Бугарија нема да каже да за членство на Македонија во ЕУ се додека не ги вметне Бугарите во македонскиот устав – ова денеска од Охрид го порача бугарската потпретседателка Илијана Јотова, која присуствуваше на отворањето на Културно информативниот центар „Балкански хоризонти“.
Во однос на тоа што Бугарија бара признавање на правата на Бугарите во Македонија, а истовремено не ги признава правата на Македонците во Бугарија Јотова вели дека бугарскиот устав почивал на целосно друг принцип, на индивидуалното право, а не на колективното.
„Ние немаме малцинства во нашата земја, додека кај вас е различно, и како што видовме со последниот попис сте една повеќенационална земја“ рече Јотова.
За пресудите од судот во Стразбур пак вели дека се однесувале на човековите права, а не дека Бугарија треба да го признае македонското малцинство.
„Повеќе години сум работела во Советот на Европа и ЕУ и ќе ви кажам дека тоа што го цитирате од Стразбур, тоа решение е во врска со почитувањето на човековите права и никогаш во него не пишувало дека Бугарија треба да го признае македонското малцинство. Така што, никогаш никој и по никој основ не барал и нема да бара Бугарија да признае, какво и да е малцинство, бидејќи во Стразбур се почитува бугарскиот Устав“, изјави Јотова.
• Петков: Бугарите во С. Македонија да бидат рамноправни
Таа нагласи дека Бугарија ќе продолжи да работи за заштита на правата на бугарските граѓани во земјава. Но, впишувањето на Бугарите во уставот на земјава не е единствен проблем за тргање на бугарското вето за Македонија во ЕУ според Јотова.
„Ако добро го познавате Договорот за добрососедство меѓу двете земји ќе знаете дека ништо по тие прашања внатре не е направено во последните пет години. Прво, поставените услови за одредени текстови во учебниците од средно, кои треба да бидат дефинирани од Историската комисија меѓу двете земји и тие соодветно да бидат вметнати во учебниците. Второ, ние бараме отворање на архивите за случаите со лицата кои покажале бугарска самосвест и на трето место, тоа што за мене е исклучително важно, е скрнавењето на спомениците“, вели Јотова.