Украинскиот претседател Володимир Зеленски се закани дека ќе ги прекине преговорите со Москва доколку руските сили ги елиминираат преостанатите украински војници заробени во Мариупол, бидејќи Москва тврди дека ја презела контролата врз опколениот и погоден пристанишен град по повеќенеделната битка.
Руското Министерство за одбрана на 16 април соопшти дека ги елеминирало украинските војници од урбаното подрачје на Мариупол и заробило неколку преостанати борци во фабриката за челик Азовстал, пренесуваат руските државни медиуми.
Портпаролот на руското Министерство за одбрана како што пренесува руската новинска агенција РИА, тврди дека украинските сили изгубиле вкупно 4.000 војници за време на долгата битка за градот, која го привлече вниманието на светот поради нејзината бруталност.
Бројките на жртвите од двете страни за време на конфликтот, кој започна со неиспровоцираната инвазија на Русија на 24 февруари досега не може независно да се потврдат.
Украина не ги коментираше најновите руски тврдења, но во последниве денови посочи дека ситуацијата во Мариупол е очајна, со голем број на загинати од заробената цивилна популација. Истворемено многу експерти предвидуваат дека градот наскоро ќе падне во рацете на Русите.
Во интервјуто објавено претходно на 16 април за „Украинска правда“, Зеленски ја предупреди Русија да не врши злосторства врз украинските војници во градот. „Елиминацијата на нашите војници, на нашите луѓе [во Мариупол] ќе стави крај на какви било преговори“, рече тој.