Останува неизвесно дали штрајкот на СОНК ќе продолжи и следната недела

Штрајк на СОНК

Останува неизвесно дали штрајкот на Синдикатот за образование наука и култура (СОНК) што почна во понеделникот, ќе продолжи и следната недела.

Владата и СОНК викендов ги продолжуваат разговорите во обид да најдат заемно прифатливо решение за зголемување на платите во образованието и предучилишното воспитување и згрижување.

Претседателот на СОНК, Јаким Неделков на својот Фејсбук профил напиша дека до утре попладне нема да биде достапен за давање изјави пред медиумите.

„Почитувани претставници на средствата за јавно информирање, Ви должам извинување за мојата недостапност во текот на денешниот ден, но сакам и да ве информирам дека до недела 17.04.2022 год. до попладневните часови нема да бидам достапен. Однапред ви благодарам на разбирањето“, напиша Неделков на својот Фејсбук профил.

Од Владата вчера соопштија дека се отворени за дијалог за постигнување систем за раст на платите кој нема да биде условен и предизвикуван од штрајкови и незадоволства и со кој ќе се обезбеди модел за раст на платите во јавниот сектор, кој како со договорот за минималната плата, ќе се врзе за порастот на просечната плата и со порастот на трошоците за живот.

Во меѓувреме министерот за финансии Фатмир Бесими во колумна посочува дека треба да се земат предвид и околностите во кои наставниците меѓу другите работници бараат повисоки плати.

„Сепак, треба да ги видиме и околностите и барањата на дел од јавните работници, меѓу нив и дел од образовниот кадар во градинките и училиштата. Треба да е јасно дека зголемувањето на основните плати на наставниците за околу 90% и линеарно зголемување на платите за скоро 20% во градинките (што повлекува барања за покачување на платите во останатиот јавен сектор), во овие околности значи разгорување на инфлаторната спирала“, пишува Бесими.

Вчерашната средба меѓу претставниците на Владата и на СОНК беше на петиот ден од штрајкот во основните и во средните училишта и во градинките.

На последниот состанок во Владата било договорено во наредните денови да се утврди процентот за зголемување на платата кое ќе се испланира и потенцијално реализира со ребалансот на Буџетот, по што учениците од основното и средното образование од понеделник би се вратиле во училишните клупи, а децата од предучилишното воспитување и згрижување во градинките.