Николовски: Граѓаните да не паничат и да не прават залихи на зејтин

Илустрација

Српската Влада донесе одлука за извоз на два милиона литри масло за јадење во Македонија со што увозниците веќе можат да набавуваат зејтин од Србија.

Надлежните смируваат дека масло за јадење ќе има и апелираат граѓаните да не складираат залихи.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски вчера изјави дека ќе има доволно количини на храна, брашно и зејтин и дека нема место за паника.

Истакна дека се прават напори за обезбедување на доволни количини на суровини и на производи кои се стратешки за државата.

„Донесена е одлуката од српска страна за извоз. Два милиона литри зејтин од утре ќе бидат на располагање. Нема потреба од паника. Граѓаните да не се плашат и да не се грижат, има доволно зејтин за сите. Ова е прв увоз, веќе ја дизајнираме втората одлука зависно од потребите. Ова е одлука која се однесува за потребите од еден месец, но пред да помине тој период веќе се разговара за можности за дополнителен увоз“, истакна вчера Николовски, додавајќи дека состојбите се следат и дека комуникацијата со српските власти е континуирана.

Фактот што се набавуваат два или три пати повеќе зејтин, според Николовски, говори дека домаќинствата непотребно прават залихи.

„Граѓаните да не паничат, но и информациите да се пренесуваат јасно, транспарентно и вистинито. Фактот што се набавуваат два или три пати повеќе зејтин, говори дека домаќинствата непотребно складираат“, рече Николовски.

Од средата, Владата ја ограничи продажбата на маслото за јадење на пакети така што секој купувач ќе може да купи сончогледово масло за јадење во трговските објекти во мали количини, а не цели пакети.

Одлуката ќе важи до 31 мај годинава. Одлуката е донесена поради значајниот пораст на купување масло за јадење од страна на домашните и странските купувачи со што се нарушува редовното снабдување на домашниот пазар.

„Се замолуваат трговците на мало во случај кога купувач бара да купи поголеми количини на масло од сончоглед за јадење во текот на денот, веднаш да го известат Државниот пазарен инспекторат“, велат од Министерството за економија.

Од друга страна, досега не се активирани стоковите резерви, а причината за тоа, како што вчера изјави министерот за земјоделство, е поради тоа што според Министерството за економија има доволно суровини и репроматеријали. Се разгледува можноста оризот да биде ставен во стоковите резерви.