Со транспаренти против политиките на бугарската влада кон македонското малцинство и актуелните политички случувања во преговорите меѓу двете земји голем број граѓани попладнево излегоа на протест во центарот на Битола каде се отвора бугарскиот клуб „Ванчо Михајлов ВМРО“.
По повод отворањето од Бугарија денеска пристигна и бугарскиот премиер Кирил Петков, заедно со потпретседателката на Бугарија Илијана Јотова, министерката за надворешни работи Теодора Генчовска и поранешната шефица на дипломатијата Екатерина Захариева.
На Широк сокак забележително е присуство на голем број полициски екипи кои го обезбедуваат просторот и не дозволуваат лицата кои протестираат да се доближат до клубот.
Петков е прв бугарски премиер кој ќе престојува во Битола. Тој рече дека во Битола доаѓа да ѝ даде поддршка на бугарската заедница во Македонија.
Бугарија го блокира почетокот на преговори на Македонија со ЕУ со тврдење дека земјава ја краде бугарската историја и дека македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот. Двете земји преговараат за надминување на проблемите.