Новата владејачка коалиција во Пакистан ја цементира моќта

Илустрација

Поранешниот премиер Раџа Перваиз Ашраф е избран за претседател на пакистанското Национално собрание откако новата владејачка коалиција ја презеде контролата врз Долниот дом на парламентот и изгласа недоверба за претходниот премиер Имран Кан и неговата влада.

Ашраф, којшто е член на Пакистанската народна партија, беше единствениот кандидат за позицијата.

Пред пет дена, парламентот го избра опозицискиот пратеник Шахбаз Шариф за нов премиер на земјата, откако претходно на 10 април - Имран Кан, кој беше на власт нешто повеќе од три години, беше сменет со гласање недоверба во собранието.

Шариф е лидер на пакистанската муслиманска лига-Наваз и помлад брат на Наваз Шариф, кој беше премиер во три наврати и кој беше осуден за корупција.

Опозициските партии успеаја да обезбедат 174 гласа во 342-члениот дом за гласање недоверба, со што Шариф го доби потребното мнозинство да ја преземе власта.

Кан претходно се обиде да го спречи гласањето со распуштање на парламентот и распишување предвремени избори, но одлуката на Врховниот суд нареди гласањето за недоверба да продолжи.

Парламентарните избори треба да се одржат до октомври 2023 година.