Русија му забрани влез во земјата на британскиот премиер Борис Џонсон

УКРАИНА - украинскиот претседател Володимир Зеленски и британскиот премиер Борис Џонсон за време на нивната средба во центарот на Киев, Украина, сабота, 9 април 2022 година.

Москва објави дека забранува влез во Русија за премиерот на Велика Британија, Борис Џонсон и уште неколку високи британски функционери, откако Лондон воведе санкции против Русија поради инвазијата врз Украина.

Освен премиерот Џонсон, Русија забрани влез и на министерката за надворешни работи Лиз Трас, министерот за одбрана Бен Валас и на уште десет други членови на британската влада и политичари.

„Потегот беше направен поради непријателската акција на британската влада, а особено наметнувањето санкции против високи руски функционери“, соопшти руското министерство.

Според најавите, Русија ќе го прошири списокот на лица на кои ќе им биде забранет влез во земјата.

Британскиот премиер зазеде цврст став против Русија од почетокот на нејзината инвазија на Украина на 24 февруари и по извештаите за потенцијални воени злосторства во смртоносните напади врз цивили.

Џонсон го посети украинскиот главен град Киев на 9 април. За време на неговата посета најави построги санкции кон Русија и му понуди на украинскиот претседател Володимир Зеленски повеќе одбранбено оружје.