Нападите што последните три дена се случија врз косовските полицајци во близина на границата со Србија во северно Косово биле изведени од српска територија, изјави косовскиот премиер Албин Курти, јави дописникот на МИА од Приштина.
Во реакцијата преку неговата официјална страница на Твитер, Курти наведе дека извори на неговата влада потврдиле дека нападите, во кои е употребено и огнено оружје, се извршени од другата страна на границата со Србија.
Тој го повика официјален Белград да ги осуди, како што ги нарече, „насилните терористички“ напади врз патролите на косовската погранична полиција, во кои, како што напоменува, имало и припадници на српското малцинство во Косово.
И Канцеларијата на Европската унија во Косово го осуди денеска нападот врз косовската полиција во општина Зубин Поток, и повика „да се избегнат шпекулациите кои можат да доведат до натамошно подигање на тензиите“ во државата.
Министерот за внатрешни работи на Косово, Џељаљ Свечља на вонредна прес-конференција претпладнево информира дека две возила на косовската полиција, кои превезувале полициски службеници на граничен премини со Србија во северно Косово, се нападнати утрово со рачна бомба и со калашников.
Тој информира дека последните три дена во таа област се случиле четири напади врз косовската полиција.