Бизнисменот Јордан (Орце) Камчев ги тужи поранешната специјална обвинителка Катица Јанева и шоуменот и неформален сопственик на 1ТВ Бојан Јовановски – Боки-13 дека му земале 1.5 милиони евра, пари кои тој ги дал, според пресудата во случајот „Рекет“. Парите од домот на Камчев ги изнесува Зоран Милески -Кичеец, но Камчев денеска ја повлече тужбата за него. Денеска во Граѓанскиот суд од затвор беа донесени Јанева и Боки-13, кои отслужуваат казна за „Рекет“. И двајцата го отфрлаат обвинението од Кмачев. Освен Јанева и Јовановски, Камчев ги тужи и сега веќе згаснатото СЈО, Обвинителството и државата.
За случајот Рекет, Јовановски доби 9 години затвор, а Јанева 7. Тие според обвинението, од бизнисменот Камчев изнудувале пари за да му ја олеснат положбата, додека тој беше во притвор за случајот „Империја“, што го отвори СЈО, со кое раководеше Јанева. Третиот обвинет Зоран Милевски откако ја призна вината беше осуден на три години затвор.
Камчев на денешното рочиште објаснуваше како, според него, бил рекетиран и дека парите ги давал во неколку наврати, а му биле побарани дури 8 милиони евра. Тој вели дека на една од средбите Јанева му рекла дека ќе излезе од притвор, каде беше за случајот Империја, и од тоа, според Камчев, нема поголема изнуда.
Судијата рече дека и давањето пари за рекет е кривично дело, за што Камчев рече дека бил свесен, но според него тогаш сметал дека тоа било најдобро, па затоа и го документирал случајот, за да може да го пријави.
Случајот Империја го отвори поранешното СЈО. Станува збор за финансиски криминал односно перење пари преку фирми во земјава и офшор-компании, а се истражуваат неколку кривични дела, како злосторничко здружување, оштетување или повластување доверители, злоупотреба на службената положба и овластување, измама и перење пари. Покрај Камчев, во овој предмет осомничени сè уште 12 лица, меѓу кои и Сашо Мијалков, Цветан Панделески и Ненад Јосифовиќ.