За време на состанок во февруари, Бугарија ја информираше Република Северна Македонија дека нивните предлози не се прифатливи и дека разговорите треба да продолжат, се наведува во одговорот на бугарското Министерството за надворешни работи доставен до БГНЕС, во врска со вчерашната изјава на шефот на дипломатијата Бујар Османи дека постои документ што е одобрен од македонска страна и се чека одговор од властите во Софија.
„Постои активен дијалог меѓу министерствата за надворешни работи на Бугарија и Република Северна Македонија со цел да се изнајдат решенија за отворените политички прашања. Последниот експертски состанок на тимовите на министерствата се одржа на 11 февруари годинава, на кој се разговараше за најновите предлози на РСМ, официјално испратени во декември 2021 година како одговор на предлозите на бугарската страна, доставени на третиот круг експертски консултации одржани во 2021 година во Скопје. На средбата во февруари бугарската страна ги информираше претставниците на РСМ дека нивните предлози не се прифатливи и дека разговорите треба да продолжат“, се наведува во одговорот на бугарското МНР.
Министерството уште додава дека „кога ќе има изгледи за суштински напредок, бугарската страна ќе испрати свој контрапредлог со цел приближување на ставовите“.
Османи вчера информира дека има документ како основа за договор со Бугарија прифатлив за македонската страна, но сè уште нема одговор дали тој е прифатлив и за Софија, посочувајќи дека кога ќе има согласност по однос на кој било документ како основа за договор со Бугарија, пред да се стави потпис ќе ја информира јавноста и пратениците.
„Да, има еден таков документ што ние сме спремни да го прифатиме, меѓутоа сè додека не добиеме одговор дека е прифатлив и за Бугарија сметам дека не се созреани тие предуслови за да можам јас да ги информирам пратениците и јавноста, бидејќи тој може да биде одбиен и тогаш сето тоа би било непотребно“, истакна вчера Османи по средбата со шефот на романската дипломатија Богдан Ауреску, кој беше во работна посета на земјава.
Бугарија го блокира почетокот на преговори на Македонија со ЕУ со тврдење дека земјава ја краде бугарската историја и дека македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот. Двете земји преговараат за надминување на проблемите.