Најмалку 152 Палестинци се повредени во судирите со израелската полиција во комплексот на џамијата Ал Акса во Ерусалим, соопшти палестинската Црвена полумесечница, две недели по почетокот на светиот месец Рамазан.
Локацијата, која е свето место и за Муслиманите и за Евреите, често беше епицентар на израелско-палестинските немири, а тензиите веќе беа зголемени поради последниот бран насилства.
Израелската полиција соопшти дека стотици Палестинци, по утринската рамазанска молитва, фрлале петарди и камења кон полицијата во близина на еврејската молитвена област на Западниот ѕид во стариот дел на Ерусалим.
Полицијата влегла во комплексот Ал Акса да „ги растера и потисне и да им овозможи на останатите верници безбедно да го напуштат местото“, се наведува во соопштението на полицијата, во кое се додава дека тројца полицајци биле повредени во судирите.
Палестинското Министерство за надворешни работи соопшти дека „го смета Израел целосно и директно одговорен за ова злосторство и за неговите последици“.
Хамас, палестинската исламистичка организација која го контролира Појасот Газа, соопшти дека Израел ќе „ја сноси одговорноста за последиците“.
Тензиите меѓу двете страни оваа години дополнително се засилија, делумно и поради тоа што Рамазан се совпадна со еврејската прослава на Пасха.
Израелските сили од март убиле 29 Палестинци во рациите на Западниот Брег, откако палестински напаѓачи убија 14 Израелци во низа напади во израелските градови.
Ал Акса е третото најсвето место во исламот, но местото исто така е почитувано од Евреите како локација на два антички храма.
Судирите кај џамијата минатата година беа повод за 11-дневната војна со милитантите на Хамас во Појасот Газа.