Украинскиот парламент усвои резолуција со која дејствијата на руската армија во таа земја ги прогласува за геноцид и ги повика владите на другите земји и парламентите да го сторат истото. „Акциите на Русија се насочени кон систематско и целосно уништување на украинскиот народ, негирање на правото на самоопределување и независен развој. Ова бара акциите на руските вооружени сили за време на агресијата започната на 24 февруари веднаш да бидат означени како геноцид против украинскиот народ“, се вели во резолуцијата. Резолуцијата, за која гласаа 363 од 450 членови на Врховната Рада, ги повикува ОН, Европскиот парламент, Парламентарното собрание на Советот на Европа, Парламентарното собрание на ОБСЕ и НАТО, како и другите влади да ги одбележат руските дејствија како геноцид.
Бајден ја обвини Русија за „геноцид“ во Украина
Ден претходно американскиот претседател Џо Бајден ја обвини Русија за геноцид во Украина, а нејзиниот претседател Владимир Путин дека се обидува да ја избрише украинската нација. Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков ја отфрли квалификацијата, велејќи дека изјавата на Бајден е „обид за искривување на ситуацијата“. Францускиот претседател Емануел Макрон не сака руската операција во Украина да ја окарактеризира како геноцид и наведува дека тој термин треба да го користат адвокатите, а не политичарите.