Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека европските земји кои продолжуваат да купуваат руска нафта заработуваат со крвта на другите луѓе.
Во интервју за британскиот сервис Би-Би-Си, Зеленски ги издвои Германија и Унгарија, обвинувајќи ги дека го блокираат процесот на ембарго, а Русија може да заработи до 250 милијарди фунти од продажбата на енергија годинава, односно за третина повеќе во споредба со лани.
Расте незадоволството кај украинското раководство од Германија, која поддржа некои санкции против Русија, но не поддржа построги мерки во однос на продажбата на нафта.
„Некои од нашите пријатели и партнери разбираат дека сега е поинакво време, дека веќе не се работи за работа и пари. Ова е прашање на опстанок“, рече Зеленски.
Тој го повтори повикот за испорака повеќе оружје во Украина, велејќи дека тие не добиваат доволно брзо залихи за да го одбијат рускиот напад.
„САД, Велика Британија, некои европски земји се обидуваат да помогнат и помагаат. Но, сè уште ни треба што е можно поскоро. Клучниот збор е сега“, рече тој.
Русија ја започна инвазијата на Украина на 24 февруари, поради што наиде на осуди и строги економски санкции од меѓународната заедница.