Рускиот претседател Владимир Путин ги обвини западните банки дека не ги платиле испораките на руски гас, откако тој побара од земјите-членки на Европската унија и другите земји рускиот гас да го плаќаат во рубљи.
Говорејќи на денешниот состанок за актуелната ситуација во секторот за нафта и гас во земјата, Путин ги обвини западните партнери за, како што рече, „неисполнување на извозните испораки на руските енергетски ресурси“.
„Банките од овие крајно непријателски држави го задржуваат трансферот на плаќањата“, рече Путин.
Минатиот месец, Путин побара од земјите на ЕУ да ги платат испораките на гас во рубљи, бидејќи осакатувачките меѓународни санкции изречени врз Русија поради нејзината инвазија на Украина силно ја погодија рубљата.
Овој потег значеше дека европските земји кои воведоа санкции кон Русија, заедно со Велика Британија, Канада, Јапонија, Швајцарија, Украина и САД, ќе мора да купуваат рубљи по стапки утврдени од руската централна банка за да платат за рускиот природен гас. Мерката би ја зајакнала рубљата со зголемување на побарувачката за неа.
Во своите денешни изјави Путин, исто така, предупреди дека Москва ќе преземе мерки за одговор на евентуалната одлука за воведување ембарго на руската нафта и гас. Киев го притиска Западот да спроведе вакво ембарго.
„Последиците од таквиот потег можат да бидат многу болни, особено за иницијаторите на таквата политика“, рече Путин.
Во меѓувреме, Европската комисија посочи дека плаќањето на рускиот гас во рубљи од страна на земјите-членки на ЕУ ќе го прекрши режимот на санкции на ЕУ против Москва.
Унгарија е единствената земја од ЕУ која изјави дека ќе биде подготвена да плати во рубљи за рускиот гас.