Русија ја обвини Украина за гранатирање на руската погранична област Брјанск

Илустративна фотографија/ Железничка станица во областа Брјанск

Властите на руската област Брјанск што се граничи со Украина го обвинија Киев за гранатирање на рускиот град Климово, како и за наводни жртви.

Гувернерот на областа, Александар Богомаз, денеска изјави дека две згради биле оштетени во нападот, за кој рече дека го извршиле вооружените сили на Украина.

Медицинскиот персонал во централната болница во Климово за ТАСС изјави дека седум лица, меѓу кои една бремена жена и едно дете, се ранети.

Рускиот истражен комитет соопшти дека нападот го извршиле два украински воени хеликоптери, додавајќи дека покренале кривична постапка за нападот.

На интернет кружеше видео, наводно направено во Климово по нападот, на кое се гледа запалена куќа. Не е потврдено каде и кога е снимено видеото.

Климово се наоѓа на околу 10 километри од украинската граница.

Властите во друг руски регион, Белгород, исто така денеска рекоа дека украинските вооружени сили го гранатирале руското село Сподорашино. Нема информации за жртви.

Руската Федерална служба за безбедност (ФСБ) соопшти дека украинските вооружени сили отвориле оган на граничниот контролен пункт Новје Јуровичи во областа Брјанск. И таму нема информации за жртви.

Украинската страна не ги коментираше тврдењата на Русија.

Вчера, руското Министерство за одбрана ја обвини Украина за гранатирање на руски територии, предупредувајќи дека доколку нападите продолжат, Москва ќе мора да ги нападне украинските „центри за одлучување“, вклучувајќи го и Киев.

Русија ја започна својата неиспровоцирана инвазија на Украина на 24 февруари. По неколкунеделен отпор на украинските вооружени сили, Русија ги повлече своите сили од северните територии на Украина кои се граничат со Брјанск и другите региони на Русија.