Локализиран пожарот во кругот на „Треска“, го гаснеле 55 пожарникари

Пожар во старата фабрика „Треска“

Локализиран е пожарот кој гореше во кругот на поранешната фабрика „Треска“, потврдија од скопската противпожарна бригада од кој густ чад се ширеше низ ценатрот на Скопје.

Во моментов се работи на расчистување на просторот. Во пожарот биле зафатени повеќе погони, но како што информираше командирот на скопската бригада, Ѕвонко Томески, пожарникарите спречиле тој да се прошири на останатите објекти и станбени згради во близина.

Во гасењето на пожарот учествувале 55 пожарникари со 15 возила. Нема повредени. Како што изјави Томески за РСЕ, причината за пожарот допрва ќе се утврдува.

Градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска пак попладнево изјави оти има индиции дека пожарот е подметнат.

„Од индициите коишто ги имаме најверојатно се работи за пожар што е отпочнат на потегот како што ми спомна командирот, со сомнение дека има лица коишто го подметнале. Тоа е информација која што ја добивме и од комшиите кои живеат непосредно тука, кои виделе дека има лица на овој потег“, рече Арсовска, нагласувајќи оти треба да има најстроги мерки за оние кои го направиле ова.

Огнот зафатил пластични материјали што предизвика создавање на густиот црн чад. Пожарот бил пријавен на бројот за итни повици 112 во Центарот за Управување со Кризи, по што веднаш било интервенирано.

Изминатиов период просторот кај „Треска“ е актуелен во јавноста поради новите зради кои таму треба да се градат.