Двајца украински новинари пронајдени мртви - здруженијата бараат истрага

Илустрација

Комитетот за заштита на новинарите со седиште во Њујорк ги повика украинските власти да ја истражат смртта на новинарите Роман Нежиборец и Зореслав Замојски и да утврдат дали тие биле мета поради нивната работа и да ги изведат одговорните пред лицето на правдата.

Во соопштението на Комитетот на 13 април се вели дека телото на Нежиборец неодамна било пронајдено закопано во северното украинско село Јахидне, додека телото на Замојски е пронајдено во Буча, во близина на главниот град Киев.

Нивните тела ги пронашле локални Украинци откако руските сили се повлекле од тие области.

„Тажни сме поради смртта на новинарите Роман Нежиборец и Зореслав Замојски во Украина и ги повикуваме украинските власти веднаш да истражат и да утврдат дали се убиени како одмазда за нивната работа“, рече Гулноза Саид, програмската координаторка на Комитетот за заштита на новинарите за Европа и Централна Азија.

„Руските и украинските власти имаат одговорност да обезбедат безбедни услови за работа на меидумските работници кои известуваат од војната“, додаде таа.

Националниот сојуз на новинари на Украина на 13 април објави дека 20 новинари се убиени во Украина од почетокот на руската инвазија.