Во сабота во Битола ќе допатуваат бугарскиот премиер Кирил Петков, заедно со потпретседателката на Бугарија Илијана Јотова. Тие ќе следат настан организиран од бугарската амбасада во земјава, а се договара и средба со премиерот Димитар Ковачевски во рамки на настан за новопланираниот далекувод на РЕК Битола што ќе ги поврзува Битола со Елбасан, информираше министерот за надворешни работи Бујар Османи.
„Со премиерот Петков договараме да има и официјална средба, но не можам да кажам дали ќе биде премиерот заради здравствената состојба, или некој од министрите на далекуводот Битола – Елбасан, а потоа тие ќе имаат свои ангажмани во Културниот центар во Битола во организација на Амбасадата на Бугарија“, изјави Османи.
Македонскиот премиер Димитар Ковачевски во неделата беше кратко задржан на скопската Инфективна клиника каде бил примен со симптоми на труење со храна. Како што соопштија од неговиот кабинет, тој е во добра здравствена состојба и беше најавено дека денеска се враќа на работните обврски.
Инаку, Јотова доаѓа во Битола на покана на Културниот центар „Иван Михајлов“ ќе го отвори новиот клуб на здружението во овој град. На 17 април пак е најавена нејзина посета на Охрид , во Дневниот центар за деца со аутизам, проект финансиран од бугарската Влада.