Милијардерот Елон Маск достави понуда за купување на сите акции на социјалната платформа „Твитер“.
Тој нуди 41,39 милијарди долари во кеш за преземање на сите 100 проценти од акциите на компанијата.
Компанијата „Твитер“ соопшти дека Маск, кој моментално поседува нешто повеќе од 9% од нејзините акции и е најголем акционер во компанијата, на 13 април доставил писмо до компанијата во кое се содржел предлог да се откупат сите акции во компанијата за 54,20 долари по акција.
Претходно оваа недела, Маск рече дека се откажал од планот да се приклучи на одборот на Твитер.
Преземањето на местото во управниот одбор би го спречило од евентуално преземање на компанијата.
„Верувам во Твитер бидејќи верувам во неговиот потенцијал да биде платформа за слободен говор ширум светот, и верувам дека слободата на говорот е општествен императив за функционална демократија“, вели Маск во предлогот поднесен до компанијата.
Понудата беше околу 38 отсто над цената на акцијата заклучно со 1 април, последниот ден од тргувањето пред да биде јавно обелоденето дека Маск го презел својот удел во Твитер.
„Сепак, откако ја вложив мојата инвестиција, сега сфаќам дека компанијата ниту ќе напредува, ниту ќе му служи на овој општествен императив во неговата сегашна форма. Твитер треба да се трансформира како приватна компанија. Мојата понуда е мојата најдобра и последна понуда и доколку не биде прифатена, би требало да ја преиспитам мојата позиција како акционер“, додаде Маск.
Акциите на Twitter денеска скокнаа за речиси 12 отсто.