Кипар им го одзема државјанството на четворица руски милијардери

Илустрација

Кипар започна процес за одземање на државјанството на четворица руски милијардери и 17 членови на нивните семејства.

Претседателот на Кипар, Никос Анастасијадис, потврди дека владата одлучила да им го одземе државјанството на четворица руски државјани, но не ги откри нивните имиња.

Сепак, локалните медиуми, повикувајќи се на свои извори, објавија дека станува збор за Михаил Гуцеријев, Александар Пономаренко, Вадим Мошкович и Алексеј Кузмичов.

Овој потег доаѓа откако Европската унија воведе санкции против нив поради руската инвазија врз Украина.

Четворицата руски олигарси и членовите на нивните семејства добија кипарско државјанство преку таканаречената програма „Златен пасош“, што им овозможи на инвеститорите да добијат пасоши од земјата членка на ЕУ.

Пред Русија да ја започне својата војна против Украина на 24 февруари, Форбс го процени заедничкиот имот на четворицата олигарси на околу 15,6 милијарди долари.

Програмата Златен пасош беше прекината во Кипар поради обвинувања за корупција во октомври 2020 година.

Според Ројтерс, речиси 6.800 странци ја искористиле програмата Златен пасош за да добијат кипарско државјанство, од кои речиси 2.900 биле руски државјани.