Има документ за договор со Бугарија, кој е прифатлив за македонската страна, но се уште нема одговор дали тој е прифатлив и за Софија, изјави денеска министерот за надворешни работи Бујар Османи.
Тој вели дека во моментот кога ќе има согласност по однос на било кој документ, дека може да биде основа за договор со Бугарија, пред да се стави потпис на тој документ, власта ќе ги информира пратениците и јавноста. , изјави денеска на прес-конференција во Скопје министерот за надворешни работи Бујар Османи.
„Да, има еден таков документ којшто ние сме спремни да го прифатиме, меѓутоа се додека не добиеме одговор дека е прифатлив и за Република Бугарија сметам дека не се созреани тие предуслови за да можам јас да ги информирам пратениците и јавноста, бидејќи тој може да биде одбиен и тогаш сето тоа би било непотребно“, истакна Османи, одговарајќи на новинарски прашања за можен договор со Бугарија.
Прашан дали кочницата за решение се коалиционите партнери на бугарскиот премиер Петков, Османи рече дека не е во ред да ги коментира внатрешните динамики во Република Бугарија.
Османи денеска во Скопје имаше средба, а потоа одржаа и заедничка прес-конференција со шефот на романската дипломатија Богдан Ауреску. Ауреску порача дека Романија нема да поддржи раздвојување на Северна Македонија и Албанија на патот кон Европската Унија.
Бугарија го блокира евроинтегративниот пат на Македонија и не дозволува земјата да почне пристапни преговори со тврдење дека земјава ја краде бугарската историја, и дека македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот.
Османи, пак, од своја страна посочи дека одлуката за раздвојување на Скопје и Тирана е на земјите-членки и дали тие ќе постигнат консензус Албанија да ги почне преговорите.