Иран отвора нова работилница за делови за центрифуги за збогатување ураниум

Во Иран започнува со работа новата работилница во нуклеарната постројка во Натанц, која ќе прави делови за центрифуги за збогатување ураниум. Во постројката во Натанц се пренесени машините од постројката во Караџ, пренесува Ројтерс повикувајќи се на извештај од Агенцијата на ОН за атомска енергија.

„На 12 април 2022 година, Агенцијата ја заврши инсталацијата на надзорните камери на оваа локација и потоа ги отстрани пломбите од машините“, го цитира Ројтерс извештајот што Агенцијата го пратила до земјите-членки на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ).

Во меѓувреме Иран и неколку светски сили преговараат за обновување на нуклеарниот договор од 2015 година, според кој Техеран значително ги ограничи своите нуклеарни активности во замена за олеснување на санкциите.

Соединетите Држави се повлекоа од договорот во 2018 година и повторно воведоа строги санкции што ја осакатија иранската економија. Иран одговори со постепено прекршување на договореното.

За време на администрацијата на претседателот Џо Бајден, Вашингтон изрази интерес за повторно приклучување на договорот доколку Иран се врати на целосно почитување на Договорот.

Минатата година се одржаа неколку рунди разговори што ги доведе двете страни блиску до договор, иако дискусиите неодамна заглавија за неколку преостанати прашања.