Бегалците од Украина се соочуваат со ризици од трговија со луѓе и експлоатација, предупредува во изјава помошник високиот комесар за заштита при УНХЦР, Џилијан Тригс. Од Агенцијата на ОН за бегалци велат дека 90 отсто од оние кои бегаат од Украина се деца и жени.
„Знаеме дека ризиците од родово-базираното насилство, трговијата со луѓе, злоупотребите, психичките трауми и разделувањето на семејствата се зголемуваат во време на конфликт и раселување, но со оглед на родовиот профил на овој бегалски тек и фактот дека многу од децата избегале сами, ризиците повеќекратно се зголемуваат. Како што се случува при кризни состојби и поради скриената природа на трговијата со луѓе, тешко е да се потврдат податоците и невозможно да се процени колку жени и деца бегалци од Украина е можно да станале цел на трговци со луѓе. Досега потврдени се мал број случаи“, вели Тригс.
Од Агенцијата на ОН ги предупредуваат бегалците за ризиците од предатори и криминални мрежи кои би можеле да се обидат да ја искористат нивната ранливост или да ги намамат со ветувања за бесплатен превоз, сместување, вработување или други форми на помош.
Од УНХЦР велат дека земјите кои се домаќини на бегалци од Украина треба да обезбедат заштита на бегалците, но и да ги проверат оние кои им нудат помош на луѓето кои бегаат од војна, за да не се врши злоупотреба и да не паднат под криминални мрежи.