Регионалниот одбор на СОНК за Охрид и Дебрца, Катерина Крстеска денеска информира дека во охридските градинки децата се згрижуваат од технички персонал, без соодветна лиценца.
Синдикатот на вработените во образованието од понеделник штрајкува барајќи усогласување на платите со минималната плата, која од мартовската плата, изнесува 18 илјади денари.
Крстеска ги повика инспекторите од Министерството за труд и социјална политика да влезат во градинка, да видат кој ги згрижува децата, дали тие лица имаат соодветно образование, согласно Законот за детска заштита, дали имаат лиценци и дали се соодветни во време од штрајк да згрижуваат деца.
Ирина Милеска, која е директорка на охридската градинка „Јасна Ристеска“ потврди дека технички персонал помагал при згрижување на децата, бидејќи дел од вработените се во штрајк. Таа вели дека техничкиот персонал помагал, но само кратко, за да може воспитувачките и негувателките кои работат на згрижување на децата да одат до тоалет.
„Дечињата ги примаат, чуваат и испраќаат лиценцирани негуватели и воспитувачи. Досега немаме никаков проблем. И јас како директор помагам, помага и администрацијата. Се тече како и претходно, децата се згрижени како и пред штрајкот, ниту едно дете не е вратено“, изјави Милеска за МИА, посочувајќи дека немаат проблем ниту со штрајкувачите.
Вчера претставници на СОНК имаа средба со министерот за образование, но немаше договор, па штрајкот продолжува и во наредните денови.