Девет хуманитарни коридори се договорени со Русија, за да се овозможи евакуација на цивили од неколку градови, вклучително и од опколениот пристаништен град Мариупол, соопшти денеска украинската вицепремиерка Ирина Верешчук.
Другите рути за евакуацијата закажана за 14 април се од Бердјанск, Токмак и Енерходар, додека другите, од источниот регион Луганск, ќе се отворат само ако руските окупаторски сили престанат со гранатирањето, додаде Верешчук во изјавата објавена на нејзиниот канал на Телеграм.
Според украинските власти десетици илјади луѓе се убиени во Мариупол. Тие ја обвинуваат Русија за блокирање на хуманитарните конвои кои се обидуваат да им донесат помош на цивилите кои се заробени во градот со недели.
Украинските власти ги повикаа цивилите во источниот дел на земјата да си заминат пред претстојната, засилена офанзива на руските сили. Повиците за евакуација се засилија по бомбардирањето на железничка станица на 8 април во градот Краматорск во регионот на Доњецк. Станицата беше преполна со жени, деца и постари лица кои се обидуваа да избегаат од војната.
Русија ја нападна Украина на 24 февруари, а тоа принуди една четвртина од 44-те милиони жители во Украина да ги напушти своите домови, многу градови се претворени во урнатини, а илјадници луѓе загинаа.