Русија денеска соопшти дека бродот предводник на нејзината Црноморска флота е сериозно оштетен, а нејзиниот екипаж е евакуиран по експлозијата за која украински официјален претставник изјави дека е резултат на ракетен напад. Руското Министерство за одбрана соопшти дека пожарот на ракетниот крстосувач „Москва“ предизвикал експлозија на муницијата, пренесе новинската агенција Интерфакс. Не е наведено што го предизвикало пожарот, но Максим Марченко, украинскиот гувернер на регионот околу црноморското пристаниште Одеса, изјави дека „Москва“ била погодена од две противбродски крстосувачки ракети Нептун од украинско производство.
Русија тврди дека 1000 украински маринци се предале во Мариупол
„Москва“ стана позната на почетокот на војната кога ги повика украинските гранични трупи кои го бранат стратешкиот Змиски остров да се предадат, но тие пркосно го одбиле тоа. Претходно беше распореден во конфликтот во Сирија, каде што служеше како поморска заштита на воздушната база Хмејмим на руските сили. „Москва“ е вториот голем брод за кој се знае дека претрпел сериозни оштетувања од почетокот на руската војна против Украина. Во минатиот месец Украина соопшти дека уништила брод на Азовско Море.