Германскиот канцелар Олаф Шолц посочи дека во оваа фаза не планира да оди во Киев, како што побара Володимир Зеленски, оценувајќи ја како „иритирачка“ одлуката на украинскиот претседател да не го прими шефот на германската држава. Шолц додаде дека е во редовен контакт со украинскиот претседател и дека бил во Киев непосредно пред руската инвазија на 24 февруари. Претходно, советникот на Зеленски за германската јавна телевизија ЦДФ изјави дека украинските власти сѐ уште очекуваат германскиот канцелар веднаш да донесе практични одлуки, како што е испораката на оружје.
Шолц: Смртта на цивили во Буча е воено злосторство
Раздорот меѓу Германија и Украина избувна откако Зеленски завчера одби да го прими германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер, кој сакаше да дојде во Киев со делегација од Полска и од балтичките земји. Германија веќе испорача одбранбено оружје на Украина, но Шолц со денови беше под притисок, дури и во рамките на неговото владејачко мнозинство, да одобри испраќање на офанзивно оружје, како што се оклопни возила. Социјалдемократската партија продолжува да се спротивставува на снабдувањето со тешко оружје. Пратеникот Џо Вајнгарте укажа на опасноста Германија постепено да влезе во војна.