Руската амбасада го предупреди Западот за можна дестабилизација на БиХ

Возило на специјалната полиција на Република Српска пред зградата на Владата

Руската амбасада во Сараево вчера, ден откако високиот претставник во БиХ го суспендираше контроверзниот закон на Република Српска, го предупреди Западот на „можна дестабилизација“ на Босна и Херцеговина. Во соопштението објавено од медиумите, амбасадата повтори дека Москва не го признава германскиот дипломат Кристијан Шмит, кој ја предводи Канцеларијата на високиот претставник на ОН во БиХ, и дека неговите потези ги смета за нелегитимни. Високиот претставник во БиХ, Кристијан Шмит го поништи Законот за недвижен имот на Република Српска. Шмит им рече на новинарите во Сараево дека законот е „спротивен на одлуките на Уставниот суд на БиХ“ и дека ја суспендирал неговата примена во очекување на одлуката на Уставниот суд на БиХ.

Шмит го спречи обидот на Република Српска да го преземе државниот имот

Народното собрание на Република Српска го усвои законот на 10 февруари, а претседателката на Република Српска, Жељка Цвијановиќ, потпиша указ за неговото објавување на 7 април. Законот се однесува на недвижен имот што се користи за функционирање на јавните органи, а кој требаше да стапи на сила денеска. Руската амбасада во Сараево одлуката на германскиот дипломат ја оцени како „нелегитимна“ и побара Управниот одбор на Советот за имплементација на мирот во Босна да ја „поништи“.

Џаферовиќ ги повика земјите од ЕУ да воведат санкции против Додик и Цвијановиќ

Покрај Русија, Управниот одбор на Советот за имплементација на мирот во БиХ го сочинуваат претставници на Франција, Италија, Јапонија, Канада, Германија, САД, Британија, ЕУ и Организацијата за исламска соработка претставена од Турција. Српскиот член на Претседателството на БиХ, Милорад Додик, кој исто така не го признава легитимитетот на Шмит, рече дека спорниот закон ќе стапи на сила денеска како што е планирано.