Претседателите на Полска, Литванија, Летонија и Естонија денеска го посетија украинскиот град Бородјанка северозападно од Киев во знак на поддршка за земјата. Литванскиот претседател Гитанас Науседа изјави дека градот бил „проникнат со болка и страдање“ откако таму биле убиени и мачени цивили, а биле бомбардирани станбени куќи и друга цивилна инфраструктура.
„Тешко е да се поверува дека такви воени злосторства би можеле да бидат извршени во Европа во 21-от век, но тоа е реалноста. Ова е војна која мора да ја добиеме“, изјави тој.
Русија соопшти дека над 1000 украински маринци се предале во Мариупол, нема потврда од Украина
Науседа објави и фотографија од сите четворица претседатели со украинскиот претседател Володимир Зеленски. Тој на својот официјален Твитер профил напиша дека тие заедно ќе продолжат да се залагаат за членство на Украина во Европската унија.
„И да и помагаме на оваа херојска нација да ги надмине ужасите на војната.Единството е нашата сила. Ќе стоиме со Украина до победа“ напиша тој.
Полскиот претседател Анджеј Дуда, естонскиот претседател Алар Карис и нивниот летонски колега Егилс Левитс се сретнале во полскиот град Жешов, во близина на границата со Украина, пред да се качат на воз кон Киев.
„Целта е да се покаже поддршка на Зеленски и на бранителите на Украина во одлучувачки момент за оваа земја“, рече во изјавата советникот на полскиот претседател Јакуб Кумоч.
Посетите на лидерите на Полска, Литванија, Летонија и Естонија доаѓаат еден ден откако рускиот претседател Владимир Путин вети дека ќе ја продолжи својата офанзива. Лидерите на овие земји се загрижени дека може да се соочат со руски напад во иднина ако Украина „падне“.